„ЗАГРОЗЕНИТЕ“ АРХИТЕКТОНСКИ ВИДОВИ НА ИЗЛОЖБА ВО ПРИРОДНОНАУЧНИОТ МУЗЕЈ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Архитектонската изложба „Загрозени видови“ ќе се отвори вечерва во 20 часот во Природонаучниот музеј на Македонија, која е резултат на истоимениот истражувачки проект на авторите Јован Ивановски, Ана Ивановска-Дескова и Владимир Десков.

Истражувачкиот проект е насочен врз избор на значајни градби од поновата архитектонска историја на Скопје, кои претставуваат архитектонско наследство и на различен начин и во различен обем соучествуваат (а дел од нив се и клучни) во обликувањето на современиот архитектонски идентитет на градот.

Преку изборот на карактеристични архитектонски примероци, истражувањето има за цел да укаже на вредностите на овие градби и на нивната состојба, на степенот на загрозеност и главните причини кои водат до него

 

Поставувајќи ја изложбата во еден простор нетипичен за архитектонски поставки, авторскиот тим прави широка аналогија со полето на природните науки, преземајќи термин кој главно се користи при дефинирање на состојбата на биолошките видови.

„Иако на прв поглед се чини дека не постои преклоп помеѓу двете дисциплини, помеѓу загрозените архитектонски и биолошки видови, истражувањето препознава бројни суптилни релации кои би можеле да се употребат во градење на методологија за препознавање и класификација на ’загрозените’ архитектонски видови од периодот на модерната. Од друга страна, преку самата архитектонска поставка сакаме да ја потсетиме јавноста на уште еден, помалку заборавен, но вреден архитектонски атефакт – самата зграда и вредната збирка наоди на Природонаучниот музеј на Македонија“, велат авторите.