ЕД ШИРАН СО НАЈУСПЕШНАТА ТУРНЕЈА ВО 2018, ЗАРАБОТИЛ РЕЧИСИ ПОЛОВИНА МИЛИЈАРДА ДОЛАРИ

Лондон, (Гардијан)

Ед Ширан ја има најуспешната турнеја за 2018 година.

Според податоците на аналитичката компанија „Полистар“, за неговата турнеја биле продадени 4,86 милиони карти, што донесло приход од 432 милиони долари. Ова е турнеја со најголема заработувачка откако „Полистар“ почна да го води рангирањето пред 30 години, а досегашниот рекорд го држеше турнејата на „Ју-Ту“ од 2017 година, со приход од 316 милиони долари.

Поставен е нов рекорд и во севкупна заработка: најдобрите десет светски турнеи имаат генерирано приход од две милијарди долари, што е 200 милиони повеќе во споредба со лани.

На второто место е Тејлор Свифт со заработени 345 милиони долари и продадени 2,88 милиони влезници на својата турнеја „Репутација“, па следува заедничката турнеја на Џеј-Зи и Бијонсе (254 милиони долари / 2,16 милиони карти). Во топ 10 уште се Пинк, Бруно Марс, „Иглс“, Џастин Тимберлејк, Роџер Вотерс, „Ју-Ту“ и „Ролинг стоунс“.

Актуелната турнеја на Ед Ширан почна во март 2017 и треба да трае до август наредната година.