ИЛОН МАСК ГО ПРЕТСТАВИ ПОДЗЕМНИОТ ТУНЕЛ ВО ЛОС АНЏЕЛЕС, НИЗ НЕГО ЌЕ СЕ ПАТУВА СО БРЗИНИ ДО 240 КМ/ЧАС

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Илон Маск го претстави прототипот на подземен тунел во Лос Анџелес, дизајниран за автомобилски сообраќај со голема брзина.

Тунелот, што го гради компанијата „Боринг“ на Маск, моментално е долг само 1,6 километри, но крајната цел е мрежа, која треба да го олесни сообраќајниот метеж во градот.

Според планот на Маск, модифицирани електрични автомобили ќе бидат спуштани со лифтови во тунелот и потоа ќе возат по патека со брзини до 240 километри на час.

„Овој револуционерен систем е многу едноставен: нормален патнички автомобил се претвора во пасивно стабилно возило со додавање на стабилизирачки тркала, за да може да патува со голема брзина низ мал тунел, без да се удира во неговите ѕидови. Тунелот ќе има главни артерии, по кои ќе може да се патува со брзини до 240 километри на час, а кога ќе сакате да излезете, ќе бидете запирани од рампа. Тоа значи дека поголемиот дел од патувањето ќе одите со максимална брзина и ќе забавувате само кога ќе дојдете до излезот, а потоа автоматски ќе се префрлите од еден тунел во друг. Тоа е како 3-Д подземен систем на автопатишта“, појасни Маск.

Маск вели дека секое автономно електрично возило ќе може да се модифицира за само 200-300 долари, за да може да вози низ тунелот.

Тој откри дека оваа делница од тунелот била изградена за десет милиони долари, додавајќи дека традиционалната технологија би чинела една милијарда долари.