Најславниот жив италијански архитект Ренцо Пијано го дизајнираше новиот мост во Џенова, на местото на мостот Моранди, што се урна во август, при што загинаа 43 луѓе.
Осумдесет и едногодишниот Пијано, кој потекнува од Џенова, вели дека новиот мост ќе трае илјада години.
„Тој ќе биде изграден целосно од челик. Ќе има елементи на брод и ќе го осветлуваат 43 многу високи столба во вид на едра, по еден во чест на секоја од жртвите“, откри Пијано.
Се проценува дека проектот ќе чини 200 милиони евра и се очекува да биде готов за 12 месеци.
Меѓу најпознатите архитектонски дела на Пијано се лондонската кула Шард, седиштето на „Њујорк тајмс“, центарот „Помпиду“ во Париз и мостот Ушибука, кој поврзува три јапонски острови.
Три италијански компании ќе ги изведуваат градежните работи, а Пијано ќе го надгледува проектот, чиј дизајн го направил бесплатно.