ФЕРАРИ ЌЕ ГО СЛАВИ 50. РОДЕНДЕН НА ШУМАХЕР СО СПЕЦИЈАЛНА ИЗЛОЖБА

Рим, (АФП)

Ферари објави дека ќе го одбележи јубилејниот 50. роденден на легендата на Формула 1, Михаел Шумахер, со специјална изложба, што ќе биде отворена на 3 јануари.

На крајот на декември се навршуваат пет години од скијачката несреќа во којашто седумкратниот светски шампион тешко си ја повреди главата и оттогаш се нема појавено во јавност. Неговата физичка и здравствена состојба останува непозната, бидејќи семејството не дозволува информации да излегуваат во јавност.

Изложбата „Михаел 50“ во Музејот на Ферари во Маранело ќе се организира во соработка со фондацијата „Продолжи да се бориш“, основана од семејството на Шумахер пред две години.

„Настанот е замислен како славење и знак на благодарност за најуспешниот возач на Ферари на сите времиња“, соопшти компанијата.

Германецот возеше за италијанскиот тим од 1996 до 2006 година и со него освои пет од седумте титули, во периодот од 2000 до 2004 година. Ферари освои и шест титули во конкуренција за конструктори додека Шумахер беше во тимот.

„Изложбата ќе ѝ овозможи на јавноста да се запознае со придонесот што Шумахер го даде за развојот на болидите, прво како возач, а подоцна и како советник“, објави Ферари.