ИЗРАЕЛЕЦ ОТВОРИ МУЗЕЈ „СОЛ И БИБЕР“ СО 37.000 КОМПЛЕТИ ЗА ЧУВАЊЕ ЗАЧИНИ

Хадера, (Ројтерс)

Околу 37.000 комплети за чување сол и бибер се изложени во музејот на 58-годишниот Израелец Ијтан Бар-он, што го отвори во градот Хадера.

Кујнските додатоци се претставени во различни форми, како Дедо Мраз, новогодишни елки, тоалетни школки, животни, фигурини во традиционални облеки, па дури и керамички фигури на кралицата Елизабета Втора и нејзиното куче.

Бар-он почнал да ја собира колекцијата во 2014 година (Фото: Ројтерс)

Бар-он повеќето од предметите добил како подароци или како донации од други колекционери, а остатокот го купил самиот. Вели дека најстариот комплет кутии датира од 1703 година, а најскапиот чини 17.000 долари.

„Сите живеат среќно во овој музеј. Муслимани, христијани, Евреи, сите“, вели тој.

Бар-он почнал да ја собира колекцијата во 2014 година и вели дека наскоро очекува претставници од Гинисова книга на рекорди да го посетат неговиот музеј „Сол и бибер“.