„ФОРД“ ДИЗАЈНИРАШЕ КУЌИЧКА ЗА КУЧИЊА СО ЗВУЧНА ИЗОЛАЦИЈА

Детроит, (Скај)

Автомобилската компанија „Форд“ претстави нов концепт, но не на возило, туку на куќичка за кучиња. Покрај модерниот дизајн, нејзината главна карактеристика е звучна изолација, а технологијата е преземена од автомобили и слушалки.

Во куќичката се инсталирани микрофони, кои го препознаваат звукот на петарди и огномети, го редуцираат и потоа го емитираат како спротивна фреквенција. Исто така, низ куќичката не можат да поминат ниту вибрации.

„Голем број кучиња се плашат од петарди и огномети и за разлика од луѓето, тие можат да чујат звуци кои се четири пати пооддалечени, како и поголем распон на фреквенции. Важно е на вашето куче да му најдете место каде што ќе се чувствува безбедно и среќно“, вели Грем Хол, еден од најпознатите тренери на кучиња во Велика Британија.

Овој проблем е толку сериозен во Британија, што за новогодишните и други празници некои рурални хотели нудат попусти за сопствениците на кучиња, за да можат да ги тргнат од големата бучава.

Оваа куќичка е првата од иновациите на „Форд“ замислени како решение за секојдневните проблеми.