ДУШЕК ШТО ГО ВРАЌА ПАРТНЕРОТ НА НЕГОВАТА СТРАНА ОД КРЕВЕТОТ Е НОВ ИЗУМ НА „ФОРД“

Њујорк, (Дезин)

Автомобилскиот гигант „Форд“ се впушти во светот на домувањето со креветот „лејн-кипинг“, кој ветува подобар сон за двојките. Смарт креветот може да препознае кога „себичен човек“ во сон ќе се префрли на страната на партнерот и ќе го врати назад.

Овој кревет позајмува технологија од автомобилите на „Форд“, наречена „лејн-кипинг еид“. Оваа функција ги набљудува обележувањата на патот и „го турка“ воланот на спротивната страна, ако почувствува дека возачот е премногу блиску до другата лента.

Во креветот, кој е пуштен како прототип, душекот содржи сензори за притисок, кои препознаваат кога во спиењето се зазема страната на партнерот. Душекот се врти и овозможува двата партнери да имаат еднаков простор.

„Кога спијат заедно, многу парови имаат помалку простор отколку што мало дете има во своето креветче. Луѓето се најранливи кога спијат, програмирани сме да се будиме ако нешто неочекувано нѐ допре“, вели експертот за спиење Нил Стенли, кој бил ангажиран од „Форд“.