ХРВАТСКИ ДЕТСКИ ФИЛМСКИ ЕВЕРГРИНИ ОД ДЕНЕСКА ВО КИНОТЕКАТА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Во Кинотека на Македонија од денеска почнува циклусот Кино утро: Хрватски детски филмови.

Вечерва во 19 часот ќе се прикаже „Брканица по моторот“ на Бранко Мајер, а во 20 часот следи „Пико“ на Среќко Вејганд. Овие два филма, велат од Кинотеката, се среднометражни детски филмови снимени во 1959 година во продукција на „Зора филм“ од Загреб. Тие ќе се репризираат утре во 12 часот, односно во 20 часот.

В петок на пладне ќе игра „Син галеб“ на Бранко Бауер, а од 19 часот е „Дружината на Перо Џумката“ на Владимир Тадеј. Неговата реприза е в сабота од 12 часот, а од 19 часот ќе игра „Волк самотник“ на Обрад Глушчевиќ. Тоа е дебитантски филм на Славко Штимац, кој подоцна стана ѕвезда на југословенската кинематографија, чија кариера трае до денес, со повеќе од 60 улоги. Репризата е в понеделник од 12 часот.

Во вторник на пладне е проекцијата на „Капетан Микула Мали“ на Обрад Глушчевиќ, а циклусот завршува в среда (12 часот) со филмот „Тајната на стариот таван“ на Владимир Тадеј.