Марго Роби ќе ја игра Барби во првиот игран филм за легендарната кукла, која годинава одбележува шест децении од појавувањето на пазарот. Ова е првиот договор за филм што го склучува новоформираната компанија „Мател филмс“ и 28-годишната австралиска актерка во исто време ќе биде продуцент.

„Играњето со оваа кукла промовираше доверба, љубопитност и комуникација. Почестена сум што ја добивам оваа улога, за која верувам дека ќе има неверојатно позитивно влијание врз децата“, изјави Роби.

Други детали за филмот, како наслов, режисер и датум на премиерата, засега не се познати и ова ќе биде прва соработка помеѓу „Ворнер брос“ и прославениот производител на играчки „Мател“.

Актерки кои претходно се поврзуваа со овој проект се Ејми Шумер и Ен Хатавеј.