„НЕТФЛИКС“ ДОБИВА СИЛНА КОНКУРЕНЦИЈА – ВО 2019 ПОЧНУВА НОВА ЕРА ВО ТВ-СТРИМУВАЊЕТО

Њујорк, (АП)

Стриминг телевизијата можеби веќе никогаш нема да биде така достапна и едноставна како што е сега.

„Дизни“ и „Ворнер медија“ оваа година ги лансираат своите сопствени сервиси за стримување, во обид да се пробијат на полето на коешто „Нетфликс“ беше неприкосновен досега. Класиците на „Дизни“, анимираните филмови на „Пиксар“, универзумот на „Марвел“ и франшизата „Војна на ѕвездите“ ќе се преселат од „Нетфликс“ на „Дизни+“, а „Ворнер медија“ исто така ќе има своја колекција блокбастери и серии на Ејч-Би-О.

Тоа значи дека домаќинствата отсега ќе мора да плаќаат повеќе секој месец или ќе останат без пристап до некои од своите омилени филмови и серии.

„Дефинитивно доаѓа голема промена. Луѓето ќе имаат повеќе избор за стримување, но во исто време, пазарот ќе стане уште порасцепкан и позастрашувачки“, вели Пол Верна, аналитичар на дигиталниот пазар.

Медиумските компании се обидуваат да профитираат од популарноста на стримувањето. Според истражувачката фирма „Дилоит“, 55% од домаќинставата во САД денес се претплатени на сервис за видеостримување, наспроти само 10% во 2009 година.

Извршниот директор на „Дизни“, Боб Ајгер, вели дека нивниот сервис ќе биде поевтин од „Нетфликс“, за кој се плаќа од осум до 14 долари месечно, имајќи предвид дека ќе имаат и помал избор. Од друга страна, „Ворнер медија“ планира да се врзе за постојната стриминг апликација на Ејч-Би-О и не е познато колку ќе чини.

„Дилоит“ предвидува дека секоја голема ТВ-мрежа, како „Фокс“, „Шоутајм“ и ЕСПН, ќе излезе со свој сервис за стримување во наредните пет години.

„Иако е веројатно дека и новите сервиси нема да наплатуваат повеќе од десет долари месечно, останува прашањето на колку од нив луѓето ќе сакаат да се претплатат истовремено“, додава Верна.