ЏЕЈСОН РАЈТМАН СНИМА НОВ „ИСТЕРУВАЧИ НА ДУХОВИ“ 35 ГОДИНИ ПО ТАТКО МУ ИВАН

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Џејсон Рајтман објави дека ќе снима нов филм „Истерувачи на духови“, серијал што го почна неговиот татко Иван во 1984 година.

„Конечно ги добив клучевите од автомобилот“, напиша Рајтман на Твитер, потврдувајќи го проектот, што треба да има премиера во лето 2020.

Режисерот на „Џуно“ изјави дека новиот филм ќе биде сместен во сегашноста и ќе биде следно поглавје во оригиналната франшиза.

„Филмот ќе ја следи приказната на оригиналниот филм. Ветувам дека ќе има многу прекрасни изненадувања и нови ликови. Имав само шест години кога го посетив татко ми на снимањето и секогаш сум се сметал за фан на ‘Истерувачи на духови‘. Сакам да направам филм за сите фанови“, кажа 41-годишниот Рајтман.

Уште два филма од серијалот излегоа во 1989 и 2016 година, од кои последниот имаше целосно женска постава.

„Се изненадив кога дознав дека син ми сака да го продолжи серијалот, но неговите идеи ме оставија во солзи“, изјави 72-годишниот Иван Рајтман.

Во исто време, Макс Лендис снима римејк на филмот на татко му Џон, „Американски врколак во Лондон“.