Фејсбук планира да ги спои своите сервиси за пораки на Инстаграм, Вотсап и Месинџер.
Иако ќе останат самостојни апликации, тие ќе бидат поврзани на едно подлабоко ниво, за да можат пораките да се пренесуваат меѓу различните сервиси. Се верува дека ова е личен проект на Марк Закерберг.
„Ова е почеток на еден долг процес“, соопшти Фејсбук.
Кога ќе биде завршен, ова ќе овозможи корисник на Фејсбук директно да комуницира со некого што ја има Вотсап апликацијата, што моментално не е возможно.
„Спојувањето на трите елементи е веќе почнато и се очекува да биде комплетирано до крајот на 2019 или во почетокот на наредната година“, објави „Њјујорк тајмс“.
Сè досега, Инстаграм, Вотсап и Месинџер беа водени како одделни и конкурентски производи. Ова спојување би можело да ја поедностави работата на Фејсбук, бидејќи не би имало потреба да се развиваат различни верзии на ист додаток, како што е сега Сторис и полесно би се поврзувале бизниси на корисниците.