„ТЕСЛА“, ПА СИТЕ ДРУГИ – САМО ОСУМ ЕЛЕКТРИЧНИ АВТОМОБИЛИ ИМААТ ДОСЕГ ОД 350 КИЛОМЕТРИ

Њујорк, (Мотор1)

Дури и со помал капацитет на резервоарот, речиси сите автомобили без проблем можат да поминат 350 километри. Од друга страна, електрични автомобили кои имаат ваква можност можат да се избројат на прсти.

И покрај тоа што сѐ повеќе автокомпании почнуваат на големо да инвестираат во овој сегмент, само осум модели можат да се пофалат со ваков успех, но и за тоа им треба батерија со огромни димензии.

Лидер на ова поле е „Тесла моторс“, кој е далеку пред останатите. Иако скапи, нивната голема предност е што со едно полнење без проблем ќе одработат 350 километри, а поновите модели, со батерии од 100 киловат/часови, можат и двојно повеќе. Затоа и не чуди што „Тесла“ ги држи првите три места на оваа листа: „модел С“, „модел 3“ и „модел Екс“.

Изненадувачки, на четвртото место се најде еден поевтин модел, „хјундаи кона“, чија електрична верзија овозможува досег од 450 километри.

Следни на оваа листа се: „ауди Е-трон“ (400 километри), кој многумина го гледаат како првиот достоен конкурент на „Тесла“, потоа „болт“ (380), кој може да се купи само во САД, „јагуар И-пејс“ (370) и „нисан лиф“, најпродаваниот електричен автомобил, чија батерија од 62 киловат/часови покрива 360 километри.