Удар на арктички студен воздух донесе опасен, животно загрозувачки студ во големи делови на истокот на САД, при што снег се очекува и во јужните сојузни држави Џорџија и Алабама.
Се очекува средниот запад да биде најтешко погодена област, со температури до -46 Целзиусови степени. Регионалните влади затворија стотици училишта и институции, Американската поштенска служба донесе ретка одлука да запре со испораките, а откажани се и над 1.000 летови. Досега се пријавени четири смртни случаи поврзани со студениот бран.
„Ова невреме претставува опасност по здравјето на луѓето“, изјави гувернерот на Илиноис, Џеј Би Прицкер.
Бруталниот студ е предизвикан од феноменот наречен поларен вртлог, маса на смрзнувачки воздух, што вообичаено кружи околу Северен Пол.
„Овој студ се должи на ненадејното затоплување далеку над Северниот Пол. Удар на топол воздух од раширената жештина од Мароко минатиот месец значително ги покачи вообичаените суперстудени температури над Северниот Пол, што го подели поларниот вртлог на парчиња. Овој феномен не е нов, но терминот почна почесто да се употребува последниве години“, вели метеорологот Џуда Коен.
Научниците сѐ уште дебатираат дали поларните вртлози станале почести и дали климатските промени имаат врска со тоа.