Меланија Трамп се појави во јавност по повеќе од пет недели отсуство за да му даде поддршка на својот сопруг, кој во Конгресот го имаше второто обраќање до нацијата како претседател на САД.
Како што е традиција, претседателот и првата дама и овојпат поканија свои специјални гости на свечениот настан во Конгресот. До Меланија Трамп седеше десетгодишната Грејс Елин, која од рана возраст донира за детската болница во Њу Џерси. Во чудна игра на судбината, и самата Елин се лекуваше во истата болница од тумор на мозокот и Трамп лично ѝ се обрати во својот говор.
„Таа е многу храбро девојче и голема инспирација за сите нас. Од своја четиригодишна возраст, Грејс за свој роденден собира донации за детската болница. Таа не можеше да знае дека и самата еден ден ќе биде пациент таму. Неодамна заврши со хемотерапијата и е посветена да продолжи да помага на други деца“, кажа Трамп.
Спротивно на имиџот на жените од редовите на демократите, кои носеа бело, првата дама на САД избра темна комбинација, вклучувајќи капут на луксузната британска модна куќа „Барбери“ од 1.490 фунти. Сепак, еден друг моден детаљ привлече многу поголемо внимание, откако таа облече само една црна ракавица.