Наградуваната серија на Ејч-Би-О „Мали големи лаги“ се враќа со втората сезона во јуни, објави оваа ТВ-мрежа.
Новата сезона ќе има седум епизоди, во која „петорката од Монтереј“, Риз Видерспун, Никол Кидман, Шејлин Вудли, Лора Дерн и Зои Кравиц, се мачат да продолжат со своите животи по трагичниот настан со кој заврши првата сезона. Кон стандардната екипа е додадена Мерил Стрип, која ја игра Мери Луиз Рајт, мајката на убиениот сопруг на ликот на Кидман.
„Ја сакам серијата, станав зависна од неа. Мислам дека таа е неверојатна вежба за она што го знаеме и за она што не го знаеме за луѓето, семејството, пријателите“, вели Стрип.
Според Кидман, улогата беше измислена за Стрип до толку што ликот го носи нејзиното вистинско име.
„Мали големи лаги“ освои четири златни глобуси минатата година, кога беше прогласена за најдобра минисерија, а пред тоа и шест Еми награди.