Силата се разбуди на 16 мај 2014, кога режисерот Џеј Џеј Абрамс извика „Акција!“ на првиот ден од снимањето на новата трилогија „Војна на ѕвездите“, а неполни пет години подоцна, тој објави емотивен пост на Твитер, ставајќи крај на една од најголемите франшизи во филмската историја.
„Војна на ѕвездите: епизода 9“ е последното поглавје од легендарниот научно-фантастичен серијал, кој се протегна низ пет децении, почнувајќи од 1977 година, за да стане феномен на поп културата.
„Звучи неверојатно, но денеска го завршивме снимањето на ‘Епизода 9‘. Не постои соодветен начин на кој би можел да ѝ се заблагодарам на оваа магична екипа. Вечно сум ви должен на сите“, напиша вчера Абрамс на Твитер.
„Војна на ѕвездите: епизода 9“ ќе дојде во кината на 20 декември.
Сите осум претходни филма добија номинации за Оскар и беа комерцијални хитови, при што вкупната заработка на франшизата изнесува над 8,5 милијарди долари, со што е втор најуспешен филмски серијал на сите времиња. Универзумот на „Војна на ѕвездите“ ќе продолжи да се шири преку нови филмови и ТВ-серии.