ИСЕЛУВАЊЕТО КАКО ИНСПИРАЦИЈА ЗА „БЕГСТВО“, НАЈНОВАТА ШТИПСКА ТЕАТАРСКА ПРЕМИЕРА

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Масовното иселување од државата е основната тема на најновата премиера на Народниот театар во Штип, насловена „Бегство“, што ќе биде изведена вечерва, во режија на Јован Ристовски. Претставата е работена по мотиви на „Крајбрежје“ од Едвард Олби.

„Инспирацијата за оваа претстава е секојдевното иселување на мои пријатели од Македонија, сега веќе Северна Македонија. Некои вадат бугарски пасоши за земјите во Европската Унија, некои заминуваат на печалба во Шведска, Австралија или Америка. Не зборувам само за последните пет години, туку од осамостојувањето. Тоа е есенцијално прашање, а ниту една власт не посветува внимание на овој проблем“, вели режисерот Ристовски.

Тој во повеќе проекти се јавува и како актер и бил учесник во повеќе театарски претстави и ТВ-серии во Македонија, Русија и Турција.

„Подготвивме една убава, актуелна претстава. Беше забавно да се работи на неа. Претставата ќе има и реприза на 19 и на 21 февруари“, велат младите актери Марија Минчева-Андонова и Пеце Ристовски.

Т. ЈОВАНОВСКИ