Бело камперско возило на „Фолксваген“ ги пречекува посетителите на Саемот за патувања и рекреација во Германија. Возилото долго пет метри е направено од 400.000 лего коцки, дело на професионалните градители на модели Рене Хофмајстер и Паскал Ленхард.
Тие го граделе моделот шест месеци, завршувајќи го токму на време за да биде изложен на саемот во Баварија, кадешто над илјада изложувачи презентираат кампери, велосипеди и други производи наменети за одмор.
Тимот искористил 20.000 проѕирни лего коцки за прозорците, а вклучил и лизгачка врата. Внатрешноста е автентична, со зелени седишта, има дел за готвење, плакари, како и легендарен покрив што се отвора. Оригиналниот „Т2 А“ кампер се произведуваше од „Фолксваген“ од 1967 до 1971 и денес има статус на култно возило меѓу ентузијастите за патувања.