Хју Џекман си го исполни детскиот сон и влезе во Гинисова книга на рекорди.
Австралискиот актер и неговиот колега од филмскиот серијал „Екс-Мен“, Патрик Стјуарт, се примени во Гинис за најдолга кариера како ликови на „Марвел“.
„Здраво драг Хју! Тукушто дознав дека јас и ти сме примени во Гинисова книга на рекорди. Честитам, пријателе! Тоа е уште една работа што можеш да ја закачиш на ѕид“, вели Стјуарт во видеопораката што му ја испратил на Џекман.
Џекман како Волверин, а Стјуарт како професор Чарлс Ксавиер дебитираа во 2000 година во „Екс-Мен“ и за последен пат ги репризираа овие улоги во „Логан“ пред две години, што значи дека ги играа вкупно 16 години и 228 дена. Двајцата изјавија дека веќе нема да се вратат во овие улоги.
„Кога бев мал, Гинисова книга на рекорди беше мој сон. Со брат ми имавме разни идеи како да го оствариме тоа, на пример, да играме бадмингтон непрекинато 48 часа. Ете, успеав. Токму заради ова влегов во шоубизнисот“, кажа Џекман, примајќи ја плакетата во едно британско ТВ-шоу.
Ова уследи само една недела откако Џекман освои Греми награда за најдобра филмска музика за „Најголемиот шоумен“.