БЕЛГИЈА ПРОИЗВЕДУВА 662.000 ТОНИ ЧОКОЛАДА ГОДИШНО, ПА ОД НЕА ПРАВИ И ФУСТАНИ

Брисел, (Ројтерс)

Производители на чоколада и модни дизајнери ги здружија силите за ревијата што се одржа во рамките на шестото издание на Саемот на чоколада во Брисел. На ревијата беа покажани 13 фустани направени целосно или делумно од чоколада, при што Џовани Бјазоло и Жан-Кристоф Ибер потрошија осум килограми чоколада за својата уникатна креација.

(Фото: Ројтерс)

Повеќе од 130 производители на чоколада и пецива, слаткари, дизајнери и стручњаци за какао со меѓународна репутација учествуваат на Саемот, кој годинава се одржува под темата „Вкус и природност: природата ни нуди нешто што сите го сакаме“. Меѓу нив, претставниците на Камерун, Еквадор, Перу, Мадагаскар и Доминиканска Република им овозможуваат на посетителите да научат за зрното и за земјите од коишто потекнува.

Чоколадната индустрија денес е важна компонента на белгиските економија и идентитет и годишно се произведуваат 662.000 тони чоколада. Таа вработува девет проценти од белгиската популација и вреди четири милијарди евра годишно. Во земјата има 330 компании за производство на чоколада, која може да се купи во повеќе од 2.000 специјализирани продавници.

(Фото: Ројтерс)