„Хуавеи“ го претстави својот прв смартфон со екран на преклопување, неполна недела откако „Самсунг“ го направи тоа, но нивните хибридни уреди имаат спротивен дизајн.

Екранот на преклопување кај „хуавеи мате екс“ е сместен на надворешноста на уредот, па тој ги покрива предната и задната страна на телефонот кога е затворен. Во двата случаи, дисплејот на „мате“ е поголем од оној на „галакси фолд“ и уредот исто така е порамен и потенок кога е затворен.

Кинеската компанија го претстави уредот во пресрет на саемот на мобилната телефонија во Барселона, во периодот кога се соочува со обвинувања од САД дека ја загрозува сајбербезбедноста. За разлика од неа, големиот конкурент „Самсунг“ на јавноста сѐ уште ѝ нема овозможено увид во „галакси фолд“.

Кога не е преклопен, екранот на „мате“ има големина од осум инчи (20,3 сантиметри), а кога е затворен, поголемиот екран е 6,8-инчен, додека помалиот има 6,6 инчи.

„Хуавеи“ објави дека „мате“ доаѓа со еден од неговите постојни 5Г модеми, додавајќи дека филм од еден гигабајт ќе може да се даунлодира за три секунди. Неговата почетна цена е 2.299 евра и ќе се најде во продажба од средината на годината.