Италијанската дизајнерска куќа „Пининфарина“ веќе неколку години работи на свој автомобил, што во неколку наврати го навести и ако имате пари, можете и да нарачате еден од планираните 150 примероци. Цена: два милиони фунти.
Наречен „пининфарина батиста“, тој конечно беше покажан на Автосаемот во Женева и за него се вели дека е најбрзиот друмски автомобил што досега произлегол од Италија. Иако за тоа има голема конкуренција, „батиста“ се разликува по тоа што е целосно електричен суперавтомобил, кого со батерии го снабдува хрватската компанија „Римац“.
Од компанијата тврдат дека „батиста“ од 0 до 100 километри на час стигнува за помалку од две секунди, додека до 300 км/час му требаат околу 12 секунди. Со мотор од 1.900 коњски сили, неговата максимална брзина е 400 км/час, што го прави побрз од Формула 1 болидите, а со едно полнење може да помине околу 450 километри.
„Неговата моќ е луда“, вели извршниот шеф на „Пининфарина“, Михаел Першке.