100.000 ДОЛАРИ ЗА НОЌ ВО АПАРТМАНОТ ДИЗАЈНИРАН ОД ДЕЈМИЕН ХРСТ

Лас Вегас, (Дезин)

Ајкули потопени во формалдехид, кутии со пилули и мермерен под со пеперутки ги пречекуваат ВИП-гостите во хотелскиот апартман во „Палм казино ресорт“ во Лас Вегас, дизајниран од еден од најпознатите современи британски уметници Дејмиен Хрст.

Ноќевање во апартманот „Емпатија“, кој се простира на 838 квадратни метри, чини 100.000 долари. Содржи две големи спални соби, надворешен базен, повеќе простории кои можат да соберат до 50 луѓе, соба за масажа, солена соба, сала за вежбање и две бањи.

(Фото: Дезин)

Стилот на Хрст се забележува во речиси секој агол од собата, од мебелот и материјалите, па до делата. Најзабележливи се двете ајкули во формалдехид во бел базен, наречени Победник и Губитник. Дизајните со бела и црна боја му даваат современа нота на ентериерот, а на ѕидовите и мебелот има мотиви од черепи, пилули и пеперутки. На пример, 104 пеперутки и 17 пилули се вградени во подот од мермер и во базенот.

„Неколку месеци, заедно со тимот на Хрст истражувавме секоја можност за соединување на нашата работа со неговата. Ги споивме нашите идеи и си рековме: ‘Зошто да не?’“, вели Питер Бентел од архитектонското студио „Бентел и Бентел“.

(Фото: Дезин)

Ресортот „Палм“ повторно беше отворен лани по долго и големо реновирање и е подновен со дела од уметници како Жан-Мишел Баскија, Енди Ворхол и Такаши Мураками.