Најреномираниот современ македонски џез состав „Сетстет“ вечерва во клубот „Станица 26“ во Скопје (21 часот) ќе одржи концертна промоција на својот деветти студиски албум „IX9“, што неодамна беше објавен под етикетата на „Пи-Ем-Џи џез“.
За бендот кој во континуитет издава албуми веќе 25 години, „IX9“ е опишан како негово најкомплетно и најзрело издание досега и новите осум песни вечерва за првпат ќе можат да се слушнат во живо во изведба на Владан Дробицки (тромбон), Павел Дробицки (бас гитара), Панче Бујуклиев (клавијатури), Гоце Наумов (тапани) и Васко Бојаџиски (труба).
„Ова е обмислена, студиозно компонирана и аранжирана и виртуозно отсвирена музика. Од болно убави музички парчиња до длабоко експериментални импровизации, од фуриозни панк-фанк бркотници до грациозни емоционални мигови“, вели Мирко Попов од „Пи-Ем-Џи џез“.
Цената на билетите е 250/300 денари.