ИРСКИОТ ПРЕМИЕР ГО ПОВЕДЕ СВОЈОТ ПАРТНЕР НА СРЕДБАТА СО ПОТПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА САД

Вашингтон, (Гардијан)

Ирскиот премиер Лео Варадкар го поведе својот партнер на средбата со американскиот потпретседател Мајк Пенс, кој своевремено беше опишан како „лицето на омразата кон ЛГБТ заедницата во САД“.

Четириесетгодишниот Варадкар, еден од тројцата светски лидери кои отворено се декларираат како хомосексуалци, беше придружуван од својот партнер, кардиологот Мет Барет и во својот говор порача дека луѓето не би требало да бидат осудувани поради сексуалната ориентација.

Пенс порано важеше за голем противник на истополови бракови, но Варадкар подоцна изјави дека тој и Барет биле „топло пречекани“ во неговиот дом.

Живеам во земја каде што порано би прекршил закон доколку сакав да бидам тоа што сум. Денес, тоа е променето и стојам овдека како лидер на мојата земја. Сакам да ме осудуваат само за моите политички одлуки, а не за сексуалната ориентација, бојата на кожата или верските убедувања“, изјави Варадкар.