„НЕТФЛИКС“ ЈА ОТКАЖА СЕРИЈАТА „КУЌА ОД КАРТИ“ ПО СЕКС СКАНДАЛОТ НА КЕВИН СПЕЈСИ

Лос Анџелес, (Дејли телеграф)

„Нетфликс“ објави дека ја откажува својата најуспешна серија „Куќа од карти“, само ден откако главниот актер Кевин Спејси беше обвинет за сексуално вознемирување на малолетник пред повеќе од 30 години.

Актерот Ентони Рап излезе во јавност со сведоштво дека на една забава во Њујорк во 1986 година бил заведуван од Спејси, кога имал само 14 години. Спејси изјави дека не се сеќава на оваа случка, но јавно му се извини на Рап за своето однесување.

Неколку извори потврдија дека токму откритието на Рап било причината за откажувањето на наградуваната серија, од која досега се емитувани пет сезони.

„‘Нетфликс‘ е длабоко вознемирен од веста која се однесува на Кевин Спејси. Извршните директори на компанијата ја посетија екипата на снимањето, за да ја уверат дека ја имаат нивната поддршка. Кевин Спејси не беше на сетот во тој момент“, изјави портпаролот на „Нетфликс“.

Серијата за бескрупулозниот конгресмен Френсис Андервуд и за неговата еднакво амбициозна сопруга Клер освои две награди Златен глобус и седум награди Еми.