„Хуверфоник“, еден од водечките европски трип хоп бендови, вечерва ќе го одржи првиот од двата распродадени концерти во Скопје. Настапот е дел од нивната минибалканска турнеја, што во организација на „Авалон“, ќе ги опфати и Софија, Белград и Загреб.
Вечерашниот концерт во Филхармонија (21 часот) експресно беше распродаден, па белгиското трио утре ќе има уште еден концерт во Скопје, за кој, исто така, одамна нема карти.
Основана во 1995 година, „Хуверфоник“ зад себе има дискографија од десет албуми, од кои последниот излезе лани. Од минатата година, групата има и нов главен вокал – Лука Крајсберхс.