Брус Дикинсон, легендарниот фронтмен на „Ајрон мејдн“ и еден од најголемите хеви метал пејачи на сите времиња, ја прими плакетата со која и официјално беше прогласен за почесен граѓанин на Сараево.
Дикинсон требаше да го добие признанието уште во ноември, но тогаш не можеше да дојде во Сараево поради пребукираниот распоред, ветувајќи дека ќе дојде на 6 април, на годишнината од почетокот на опсадата на градот.
Шеесетгодишниот Дикинсон го исполни ова ветување и синоќа пристигна во Сараево, каде што во 1994 година, среде војната, одржа таен соло концерт.
„Прекрасно е што се вратив овдека по толку многу години. За жал, в недела мора да одам во САД, па ќе останам кратко. Ќе се видам со неколку пријатели“, кажа Дикинсон и вети дека повторно ќе дојде наесен.
Во 1994 година, во периодот кога градот беше отсечен од светот, Дикинсон преку тајни канали успеа да влезе во градот и да одржи концерт. Ова негово храбро патешествие е документирано во филмот „Врескај за мене Сараево“.
„Тоа беше мој личен избор. Решив да настапам таму без разлика на сè. Беше лудо да се обидеме да влеземе во градот среде војна и да видиме дали ќе можеме да свириме. Не бевме сигурни дали ќе се вратиме“, кажа Дикинсон подоцна.