ЗООЛОШКА ИЗБРКА 10 ПОСЕТИТЕЛИ КОИ ГИ ХРАНЕЛЕ ЖИВОТНИТЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Од Зоолошката градина во Скопје денеска беа избркани десет посетители кои им давале храна на животните.

Од Зоолошката информираа дека поставиле информативни табли, на кои е напишан кодексoт на однесување на посетителите. На таблите на македонски, албански и на англиски јазик е наведено дека хранењето на животните е строго забрането и дека посетителите не треба да ги допираат животните, ниту да удираат по кафезите и да ги вознемируваат. Но, и покрај предупредувањето, неколку посетители биле затекнати како им фрлаат смоки, чипс, па дури и колачи на животните.

„Освен што ќе ги отстрануваме, планираме и да воведеме казни за хранење на животните. Навистина имаме проблем. Им се дава секаков вид храна, дури и таква која е опасна за нив“, велат од Зоолошката градина.

Низ Зоолошката градина беа поставени и патокази што ќе им помагаат на посетителите полесно да се снаоѓаат каде се наоѓаат живеалиштата на животните. По 13 години, исчистено беше и езерото, кое сега е и хортикултурно уредено и поставен е брод со детски реквизити.

Во мај во Скопје се враќа шимпанзото Коко, кое се лекуваше од депресија во Холандија.

„Со Коко ќе дојдат уште три шимпанза, две женки и еден мажјак, со кои изминативе години се дружи во Холандија“, вели директорот Ѓорѓи Галетановски.

А. АНТЕВСКА