Народниот театар од Ниш гостува вечерва (20 часот) во Драмски театар во Скопје со претставата „Брод на љубовта“ на македонскиот режисер Ангелчо Илиевски. Претставата е работена по текст на Небојша Ромчевиќ, а премиерата беше во ноември 2016.

„Брод на љубовта е, всушност, траектот ‘Кримхилда’, што крстари на релацијата Либек-Санкт Петербург. Неговите патници се ‘свињи од истокот’ и ‘гомна од западот’, како што ги нарекува авторот, односно сексуални печалбари од источноевропските земји кои се во потрага по заработувачка и подобар живот и Европејци од средниот сталеж кои се во потрага по задоволства, забава и заборав“, стои во најавата на претставата.

Сценографијата е на Валентин Светозарев, а костимите на Марија Пупучевска. Автор на музиката е Боривоје Младеновиќ, а кореограф Небојша Громилиќ.

Гостувањето следи по соработката на меѓународниот фестивал „Театар на крстопат“ во Ниш, кој се одржа од 11 до 19 март, а на кој Драмски се претстави со „Фестен“ на Зоја Бузалковска.