ТРАМП И ОБАМА ЈА СЛАВАТ ПРВАТА ТИТУЛА НА ТАЈГЕР ВУДС ПО 11 ГОДИНИ КАКО НАЈГОЛЕМ СПОРТСКИ КАМБЕК

Огуста, (Би-Би-Си)

Доналд Трамп и Барак Обама конечно се најдоа на иста страна, откако го поздравија првиот голем триумф на голферот Тајгер Вудс по 11 години како едно од најголемите враќања во историјата на спортот.

3.954 дена, толку време помина од триумфот на Вудс на Отвореното првенство на САД, додека Мастерс титула немаше освоено уште подолго, од 2005 година. Во меѓувреме, јавноста многу повеќе се занимаваше со неговите љубовни афери и други приватни проблеми, додека тој тонеше на професионален план.

Сега 43-годишен, Вудс е повторно шампион, откако го освои најважниот од сите годишни голф турнири, во Огуста, Џорџија и фановите и јавни личности се во транс на социјалните мрежи.

„Да се вратиш и освоиш Мастерс титула по сите подеми и падови е потврда на совршеност, карактер и посветеност“, изјави Барак Обама, а во сличен тон се огласи и Трамп.

„Ги сакам луѓето кои знаат да се носат со голем притисок. Каков фантастичен животен камбек на навистина извонреден човек“.

Меѓу оние кои денес го слават Тајгер Вудс на социјалните мрежи се и Серена Вилијамс, Коби Брајант, Меџик Џонсон, Герет Бејл, Хју Џекман…

„По сето она низ што имам поминато, јас сум среќен што можам повторно да победувам. Изминативе години имав сериозни сомнежи во себеси. Се надевам дека моите деца се свесни колку многу ми значи ова“, изјави Вудс.