„СИМФОНИЈА НА ТАЖНИ ПЕСНИ“ НА ГОРЕЦКИ СО АНА ДУРЛОВСКИ УТРЕ ВО ФИЛХАРМОНИЈА

Скопје (СМАРТ.СДК.МК)

„Симфонија на тажни песни“ е насловен вториот концерт на Македонската филхармонија во новата сала, кој ќе се одржи в  четврток 2 ноември во 20 часот.

Оркестарот, под диригентство на Емил Табаков од Бугарија, за прв пат ќе ја изведе една од најубавите, но и најпопуларните симфонии на сите времиња, „Симфонија на тажни песни“ или позната и како Симфонија бр. 3 од современиот полски композитор Хенрик Миколај Горецки.

Солист е е оперската пејачка со светска кариера и национален уметник на Македонија, Ана Дурловски.

„Симфонијата на тажни песни“ се смета за една од најдобрите симфонии на сите времиња, чија популарност ја стекна не само во сферата на класичната музика, туку и во поп-културата.

Создадена е во 1976 година, а според полската агенција ПАП , плочата е продадена во повеќе од милион примероци. Всушност, ова дело своевремено стана најпродаваното издание на некој современ композитор.

Од Филхармонијата велат дека симфонијата е инспирирана од темите на војната и разделбите, од нацистичките логори за време на Втората светска војна. Изведена е по повод комеморацијата на Холокаустот во 1992 година со Лондонскиот симфониски оркестар, под палката на Давид Цинман и сопранот Даун Апшоу, кога доживеа фантастичен успех на сите листи во САД и во Велика Британија, а бројот на продадени ЦД-а ја премина бројката од еден милион. Кога новинарите го прашале Горецки да ја искоментира изведбата, тој само одговорил: „Ајде малку да молчиме за тоа“.

Ниту еден класичен композитор, всушност, не достигнал таква комерцијалност како Горецки со ова дело.