Сер Дејвид Атенборо го издаде досега најсериозното предупредување за заканите од климатските промени во новиот документарец на Би-Би-Си, „Климатски промени: факти“, кој по премиерата доби извонредни критики.
Угледниот британски природонаучник и документарист вели дека „се соочуваме со непоправлива штета за природниот свет и со колапс на нашите општества“.
„Сепак, надеж постои, но само ако се преземе драстична акција во наредната деценија“, вели 92-годишниот Атенборо.
Во новата емисија, тој зборува за научните факти за климатските промени и за нивното влијание врз светот.
„Откако пред 20 години првпат почнав да зборувам за влијанието на климатските промени врз светот, условите се променија многу побрзо отколку што можев да замислам. Можеби, звучи застрашувачки, но научно е докажано дека ако не преземеме драстична акција во наредните десет години, природниот свет ќе претрпи непоправлива штета, а општествата ќе пропаднат“, предвидува Атенборо.
Тој потенцира дека светот денес е потопол за еден Целзиусов степен во споредба со времето пред индустриската револуција.
„Дваесет од најтоплите години досега се регистрирани во последните 22 години“.
Научниците велат дека непоправлива штета е веќе направена.
„Минатата година, Антарктик и Гренланд изгубија огромни количества мраз, што ни кажува дека работите се полоши отколку што очекувавме. Гренланд има изгубено четири трилиони тони мраз и денес губи пет пати повеќе мраз отколку пред 25 години“, вели Ендрју Шепард, професор на Универзитетот во Лидс, додавајќи дека ова води кон пораст на нивото на морињата.
„Во САД, Лујзијана е на првата линија на климатските промени. Таа губи копно со една од најбрзите стапки на светот, големина на еден фудбалски терен на секои 45 минути“, додаде Шепард.