КУМАНОВО ДОБИ БЕСПЛАТНА БИБЛИОТЕКА НА ОТВОРЕНО

Куманово, (СМАРТ СДК.МК)

Од денеска, кумановци ќе можат да позајмуваат и да донираат книги во првата мала бесплатна библиотека во градот. Библиотеката е поставена пред Центарот за култура „Трајко Прокопиев“, а е донирана од затворот „Куманово“.

„Станува збор за мала инсталација изработена од дрво, со околу 80 книги, кои им се на располагање на сите кои поминуваат. Идејата ни беше да направиме нешто корисно и несекојдневно за нашите сограѓани, да го привлечеме вниманието на љубителите на читањето и да поттикнеме размена на книги. Добивме поддршка од раководството на Центарот за култура и од Градската библиотека ‘Тане Георгиевски’, кои ни ги подарија книгите на македонски, албански и англиски јазик“, изјави директорот на затворот Марјан Спасовски.

Под мотото „Земи, прочитај, врати“, граѓаните ќе можат бесплатно да земаат книги од библиотеката и да оставаат свои.

Директорот на „Трајко Прокопиев“, Сашо Тодоровски, очекува дека идејата ќе заживее и ќе се промовира читањето меѓу граѓаните. Планирано е вакви библиотеки да се постават на уште неколку локации, како Градскиот кеј, плоштадот и во парковите.

„Little Free Library“ за слободна размена на книги заживеа во 2009 во САД, а се реализира во повеќе од 80 земји во светот.

С. НИКОЛИЌ