ПРВПАТ СНИМЕН ДРЕВЕН ЦИЦАЧ ИМЕНУВАН СПОРЕД ДЕЈВИД АТЕНБОРО ЗА КОЈ СЕ ВЕРУВАШЕ ДЕКА Е ИЗУМРЕН

Лондон, (Би-Би-Си)

Научниците првпат успеале да снимат древен цицач именуван според Дејвид Атенборо, за кој долго време се верувало дека е изумрен. Експедиција во Индонезија предводена од Универзитетот Оксфорд направила четири кратки снимки од ехидна, крзнено суштество со боцки и долг клун, кое често се опишува како жив фосил.

Се верува дека тие се појавиле пред 200 милиони години, кога диносаурусите лутале по Земјата. Сè досега, единствениот доказ за постоењето на видот Zaglossus attenboroughi бил шест децении стариот примерок на животното што се чува во Природонаучниот музеј на Холандија.

„Бев во еуфорија, целиот тим беше еуфоричен“, изјави водачот на тимот Џејмс Кемптон, додавајќи дека Атенборо бил пресреќен кога го известиле за откритието.

Меѓународниот тим на Кемптон бил на едномесечна експедиција во досега неистражени предели на Киклопските Планини. Притоа биле откриени и нови видови на инсекти и жаби. Претходните експедиции имале проблеми да стигнат до деловите од Киклопските Планини каде што живеат ехидни поради верувањето на локалните Папуанци дека се свети.

Покрај клунарот, кој живее во Австралија, ехидна е единствениот цицач кој несе јајца.