Лени Кравиц, големата американска рок ѕвезда со 40 милиони продадени албуми низ цел свет, се измеша меѓу обичниот народ во пресрет на вечерашниот концерт во Скопје, негов втор во Македонија.
Тој на својата Фејсбук страница објави кратко видео од вчерашната прошетка низ плоштадот и Старата чаршија, каде што лежерно делеше автограми, разговараше и се фотографираше со случајни минувачи и послуша улични свирачи.
Кравиц, чија кариера трае речиси четири децении, е можеби најголемото музичко име кое има настапено во Македонија, а тоа да не било Скопје. На своето прво гостување во Македонија во 2008 година, тој одржа концерт на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид“, а сега доаѓа во Скопје во рамките на својата европска турнеја, на која го промовира последниот, 11. студиски албум „Raise Vibration“, што излезе лани.
„Од сите земји во регионот, Скопје и Софија се единствените градови кадешто фановите ќе имаат шанса да го видат неверојатното шоу на Лени Кравиц. За ексклузивноста на скопскиот концерт доволно говори фактот што во оваа турнеја не се опфатени Белград, Загреб и Атина“, стои во најавата на концертот, што го организира „Авалон продукција“.
Концертот ќе се одржи во ВИП арената „Борис Трајковски“, со почеток во 21 часот. Кравиц го следат десет камиони опрема, шест автобуси и тим од 60 луѓе.
Г. КОНЕВ