ПРЕМИЕРКАТА НА НОВ ЗЕЛАНД СЕ СВРШИ НА ВЕЛИГДЕН

Велингтон, (ДПА)

Премиерката на Нов Зеланд Џасинда Ардерн и нејзиниот партнер Кларк Гејфорд се свршија и ќе се венчаат, соопшти нејзиниот кабинет. Портпаролот на владата кажа дека двојката се свршила за Велигден.

Медиумите утрово забележаа дијамантски прстен на раката на Ардерн, за време на една свеченост во рудникот Парк Ривер.

Ардерн (38) и Гејфорд (41) ја имаат ќерката Нив Те Ароха, која во јуни ќе наполни една година. Гејфорд ја помина изминатава година дома чувајќи ја ќерката, додека Ардерн се врати на работа шест недели по породувањето.

Лидерката на Лабуристичката партија е само втора светска лидерка која се породила додека била на функција, по пакистанската премиерка Беназир Буто, која доби ќерка во 1990.

Ардерн лани беше прашана дали таа ќе му предложи брак на Гејфорд.

„Не, нема да го прашам. Сакам сам да помине низ агонијата и тортурата додека го поставува прашањето“, се пошегува таа.