Градот на Сицилија кој ги стави на аукција своите празни куќи со цел да го спречи своето пропаѓање успеа да продаде 16 од нив на странски купувачи. Сепак, тие постигнале цена повисока од почетните едно евро.
„Ако тие што учествуваат во наддавањето не сакаат да понудат повеќе, куќите ќе бидат продадени по цена на еден кроасан“, изјави претходно заменик градоначалникот на Самбука, Џузепе Качопо.
Веста за аукцијата брзо се прошири низ светот, па веќе наредниот ден во градот на еден час возење од Палермо пристигнале заинтересирани купувачи од Велика Британија, Дубаи, Панама и Русија за да ги разгледаат куќите. Од градскиот совет велат дека телефоните со недели не престанале да ѕвонат.
„Се јавуваа од Сиднеј, Лондон, Њујорк… За неколку недели примивме околу 100.000 електронски пораки, а некои се качија на првиот авион за Сицилија“, додаде Качопо.
Вчера, градоначалникот објави дека се продадени првите 16 куќи, најевтината за 1.000, а најскапата за 25.000 евра. Новите сопственици доаѓаат од Британија, Чиле, Русија и Израел. Уште 50 куќи биле продадени приватно.
„Не очекувавме дека ќе биде вака успешно. Ова е извонредно“, изјави тој.