Процедурите за зголемување пенис не функционираат, неефективни се и ризични и кај многумина мажи оставаат физички и психолошки последици, вели истражувањето спроведено од британски експерти. Тие додаваат дека мажите никогаш не би требало да се решат на вакво нешто, зашто најчесто се искористувани од шарлатани.
Третманите со себе носат висок ризик од компликации, а повеќето мажи кои биле на ваква операција не биле задоволни од резултатите.
„Истражувањето откри дека, генерално, резултатите од операциите се слаби и постои висок ризик од големи компликации, како деформирање на пенисот, скратување и еректилна дисфункција“, вели урологот од Кралската болница во Лондон, Гордон Мјуир, кој го водеше истражувањето.
Со студијата биле опфатени 21 различен тип на процедура, и хируршки и нехируршки, направени врз 1.192-ца мажи во Британија и пошироко.
„Вакви процедури речиси никогаш не би требало да се прават. Тие чинат меѓу 30.000 и 40.000 фунти, а пациентите најчесто завршуваат со деформиран пенис и нивото на задоволство е најмногу 20%“, додаде Мјуир.