„Игра на тронови“ завршува претстојниот викенд по осум сезони, но тука почнува и проширувањето на овој универзум, измислен од Џорџ РР Мартин.
Првата од неколкуте најавени серии што временски ќе ѝ претходат на „Игра на тронови“ почнала да се снима пред две недели во Северна Ирска под работен наслов „Крвава месечина“ (Bloodmoon). Наоми Вотс ќе ја има главната улога во серијата која ќе се случува илјадници години пред оригиналната серија на Ејч-Би-О и ќе ја следи приказната на Децата на шумата.
„Тие што работат на сетот на серијата во Белфаст ја ословуваат со ‘Крвава месечина‘. Продуцентите имаат составено одличен кастинг и серијата задолжително ќе ја гледаат сите кои ја сакаат ‘Игра на тронови‘“, изјави извор од продукцијата за весникот „Сан“.
Продуцент и сценарист на високобуџетната серија е Џејн Голдман.
Ејч-Би-О претходно најави дека новата серија ќе почне да се емитува една година по завршувањето на „Игра на тронови“, додавајќи дека таа ќе ги открие „застрашувачките тајни на Вестерос и вистинското потекло на Белите шетачи“. Ниту еден лик од „Игра на тронови“ нема да се појави во новата серија.
Според книгите на Мартин, Децата на шумата се мистериозни суштества од нечовечка раса кои живееле во Вестерос кога Првите луѓе се доселиле на континентот 12.000 години пред востанието на Роберт Баратеон.