ГЕРМАНСКА КОМПАНИЈА ГО ПРЕТСТАВИ ПРВОТО САМОЛЕТЕЧКО ТАКСИ СО ПЕТ СЕДИШТА

Берлин, (Би-Би-Си)

Германска старт ап компанија го претстави она што го нарече прво самолетечко такси со пет седишта на светот.

„Лилиум“ објави дека прототипот го имал првиот тест-лет во почетокот на овој месец, при што успешно полетал и слетал. Тие велат дека електричното летало е способно да помине до 300 километри за еден час.

Повеќе компании досега имаат тестирано самолетечко такси, но тие биле со најмногу две седишта.

„Преминот од две на пет седишта отсекогаш беше наша амбиција, затоа што така го доближуваме овој тип на превоз до повеќе патници“, изјави коосновачот на „Лилиум“, Даниел Виганд.

Таксито има 36 електрични мотори кои овозможуваат вертикално полетување и слетување. Од компанијата велат дека тоа може да лета еден час со едно полнење и се надеваат дека со масовното производство ќе почнат во средината на следната деценија.