Пловечка фарма за крави се отвори во Ротердам, покажувајќи дека производството на храна може да продолжи и покрај негативните ефекти на климатските промени. Таа е дело на холандското студио „Беладон“, специјализирано за надводна архитектура.
Фармата може да собере 32 крави. Овој проект е дизајниран за иднина во којашто нивото на морето е толку покачено, што големи површини земјиште се поплавени. Исто така, ова е начин на враќање на фармите во градовите, со минимално влијание врз ресурсите и околината.
„Сведоци сме дека светската популација постојано расте. Во 2050 година ќе има две-три милијарди луѓе повеќе, со што ќе се појави недостиг од плодни земјоделски површини, а поради обилни врнежи ќе се поплавуваат градови и фарми. Затоа мора да се приспособуваме за да можеме да продолжиме да го храниме градот“, велат од „Беладон“.
Фармата сама си обезбедува струја преку соларни панели, како и свежа вода преку собирање дождовница. Тревата за кравите се добива од околните полиња и голф терени.