„ФИАТ“ МУ ПРЕДЛОЖИ СПОЈУВАЊЕ НА „РЕНО“ ЗА ДА СЕ ДОБИЕ НОВ ЛИДЕР НА СВЕТСКИОТ АВТОПАЗАР

Торино, (Би-Би-Си)

„Фиат Крајслер“ предложи спојување со „Рено“, во потег што би можел да го трансформира светскиот автомобилски пазар, објави италијанската компанија.

Во овој комбиниран бизнис, и „Фиат“ и „Рено“ би имале сопственички удел од по 50% и сметаат дека на овој начин би креирале нов глобален автомобилски лидер, со продажба од 8,7 милиони возила годишно. Тоа, сепак, би ја ставило на трето место, зад „Фолксваген“ и „Тојота“.

„Планираното спојување би довело до создавање на светски лидер во брзорастечката автомобилска индустрија, кој би имал силна позиција во трансформирањето на технологии, како електрификација и автономно возење. Ниту една фабрика не би била затворена со ова спојување“, објави „Фиат“.

Ако се земат предвид финансиските резултати од лани, вкупниот годишен приход на новата компанија би бил 170 милијарди евра, со нето профит од осум милијарди евра.

„Рено“ веќе е во унија со „Нисан“, при што ги делат трошоците и деловите.