ТУРИСТИТЕ НАГРНАА ВО ЧЕРНОБИЛ ПО ХИТ-СЕРИЈАТА НА ЕЈЧ-БИ-О

Киев, (Ројтерс)

Успехот на новата минисерија на Ејч-Би-О за нуклеарната катастрофа во Чернобил придонесе за зголемување на бројот на туристи кои сакаат да ја посетат оваа напуштена област.

Една од агенциите кои организираат вакви тури вели дека од почетокот на емитувањето на серијата „Чернобил“ имала пораст во букирањето од 40%. Просечна цена на турите изнесува 100 долари.

Во април беа одбележани 33 години од најголемата нуклеарна катастрофа на светот, чии последици сè уште се чувствуваат во регионот. Припјат, во кој тогаш живееле 50.000 луѓе, денес е град на духови, но серијата на Ејч-Би-О, оценета на сајтот ИМДБ како најдобра на сите времиња, ги оживеа сеќавањата на тие страшни денови за цела Европа и го запозна светот со цела низа херои кои помогнале да се спречи уште поголема катастрофа.

„Во мај, областа ја посетија 30% туристи повеќе во споредба со истиот период лани, а за јуни, јули и август резервациите се зголемени за 40%“, вели Сергеј Иванчук, директор на туристичката агенција „СолоИст“.

Од агенцијата „Чернобил тур“ очекуваат слични бројки и велат дека нудат посети на локациите опишани во серијата.

Припјат е оддалечен 120 километри од Киев и за влегување во градот важат строги правила на облекување и оттаму ништо не смее да се изнесува. Сите водичи се опремени со апарати за мерење радијација и во голем број згради е забранет влез, исто како и седнување на земја.

„Нереално е да се биде тука, особено да се види како природата го има преземено целиот град. Свесен си дека радијацијата е секаде околу тебе, но и покрај ризикот, многу сакав да го видам ова“, вели 39-годишен турист од Велика Британија.