Со пеење, смеење, танцување и постојани овации помина синоќешниот концерт на мегапопуларниот виолинист и диригент Андре Риу, во преполната ВИП арена „Борис Трајковски“ во Скопје. Риу, кој е познат како „современ крал на валцерот“, заедно со 80-те музичари, солисти и хористи направија двочасовно шоу од класика, валцери, арии и популарни песни, почнувајќи од „Несун дорма“ од операта „Турандот“ на Пучини, завршувајќи со бисот во чест на македонската публика, „Македонско девојче“.
Шармантниот Холанѓанец, кој 32 години го води оркестарот „Јохан Штраус“, како голем шоумен духовито раскажуваше за патувањата низ светот, за искуствата како ги запознавал музичарите и не испушти да порача дека „музиката има моќ да лекува“, „сите луѓе сме браќа“ и дека „во животот секогаш ќе имаме различни мислења“.
„Европа или не Европа, брегзит или не брегзит, дали сакаме граници или не сакаме, една работа секогаш ќе го обединува човекот, а тоа е музиката“, вели Риу.
Музичките патувања низ Дунав во Виена, руските степи и холандските катедрали беа одлично визуелно доловени со проекциите на трите огромни видеобима, како и со ефекти, како вештачки снег, громови и чад. Риу пристигна со целосна сопствена продукција, а тоа се девет шлепери со опрема, костимографија и сценографија.
„Скопје, никогаш не се знае, можеби пак ќе се видиме“, рече Риу на крајот од концертот, кој го организираше „Пасворд продукција“.
Б. НЕСТОРОСКА
ФОТО: К. ПОПОВ