СОВЕТИ ОД СТИВЕН КИНГ КАКО ДА СТАНЕТЕ ПОДОБАР ПИСАТЕЛ

Лондон, (Индипендент)

Стивен Кинг не е само мајстор на хоророт, тој е и еден од најплодните современи писатели. Тој пишува десет страници дневно, што е околу 180.000 зборови за период од три месеци.

Неговите кратки приказни и книги имаат доживеано над 200 филмски и ТВ-адаптации, од кои „Тоа“, „Сјаење“, „Бегството од Шошенк“ и „Зелена милја“ денес се вистински класици.

Авторот кој годишно заработува 17 милиони долари имаше што да каже и во своите мемоари „За пишувањето“, во коишто дава вредни совети како да се биде подобар писател.

„Нема да лажам и да кажам дека нема лоши писатели. Извинете, но има голем број лоши писатели“, вели Кинг.

За да не бидете еден од нив, еве кои негови совети треба да следите.

  • Престанете да гледате телевизија. Место тоа, читајте колку што е можно повеќе. Кинг вели дека телевизијата е отров за креативноста.
  • Подгответе се за неуспеси и за лоши критики повеќе отколку што можете да поднесете.
  • Не губете време на задоволување други луѓе, пишувајте исклучиво за себеси.
  • Кога пишувате, исклучете се од остатокот на светот.
  • Не бидете претенциозни.
  • Усовршете ја уметноста на опишувањето, но избегнувајте прилози и долги параграфи.
  • Пишувајте приказни за она што луѓето навистина го прават.
  • Ризикувајте, не играјте на сигурно.
  • Сфатете дека не ви требаат дроги за да бидете добар писател.
  • Сфатете дека пишувањето е форма на телепатија.
  • Пишувајте секој ден и сфатете си ја работата сериозно.
  • Кога пишувате, не бидете роб на граматиката.