Со промоција на три нови музички изданија, издавачката куќа „Шарла“ вечерва ќе одбележи пет години постоење. Настанот што ќе биде проследен и со изложба на дела од пет современи уметници ќе се одржи во барот „Ла Кања“ во Старата скопска чаршија, со почеток во 21 часот.
„Почнавме како аутсајдери во независното музичко издаваштво, а после пет години сме аутсајдери со повеќе од 30 официјални изданија, околу 2.000 даунлодирани и продадени албуми, 100.000 преслушувања… Наши изданија се завртеа на радија и портали од Њујорк до Хонг Конг, за нив се пишуваа осврти и рецензии во Лондон, Берлин, Прага, Љубљана, Загреб, Белград…“, се вели во најавата на настанот.
На настанот насловен „Шарла: 5 чекори поблиску“ во живо ќе настапат и два артиста од етикетата на „Шарла“, Мамот и Јашем, што е уметнички алијас на Ненад Тонкин (екс-Беј д фиш) и Димитра, која за кратко време издаде два миниалбума.