Вулканот Раикоке во Тихи Океан неочекувано еруптираше за првпат по речиси 100 години и астронаут на Меѓународната вселенска станица го овековечи овој момент со спектакуларна фотографија од височина од околу 400 километри.
Сместен на Курилските Острови, што се наоѓаат меѓу рускиот полуостров Камчатка и јапонскиот остров Хокаидо, вулканот исфрли огромни количества пепел, гас и чад во облик на печурка до височина од 17 километри.
„Каква спектакуларна снимка! Во основата на столбот се гледа прстен од бели облаци, што можеби се создадени со кондензација на водената пареа или со интеракција на магмата и морската вода. Раикоке е мал остров и магмата веројатно истекла во водата“, изјави Сајмон Карн, вулканолог од Техничкиот универзитет во Мичиген.
Тој сугерираше дека токсичните гасови можеби стигнале до стратосферата.
Ова е само трета забележана ерупција на Раикоке во историјата, по оние во 1778 и 1924 година и ги изненади научниците.